Димитров- Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед

Вицепремиерот Никола Димитров

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров изјави дека за прв пат по неколку години, ЕУ успеала да постигне консензус и да ја потврди својата посветеност кон проширувањето, за разлика од претходните самити во Загреб и Софија каде се зборувало само за европската перспектива.

„Во таа смисла, сега барем имаме политички сигнал, но тоа што ќе биде потребно за да се врати довербата кај луѓето дека тоа е всушност возможно, дека навистина постои европска иднина за нашиот регион, покрај добрите зборови, е акција. Веројатно, најголемиот пресврт за враќање на патот, ќе биде почеток на пристапните преговори со мојата земја, Северна Македонија и со Албанија“, изјави Димитров во интервју за Би- Би- Си радио.

Во врска со бугарската блокада за почеток на преговори со ЕУ Димитров во интервјуто посочува дека во Европа на 21 век прашањето за јазикот е прашање за луѓето во земјата, а не на друга земја, ниту на некоја меѓународна организација.

„Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија, го потпишавме Договорот за пријателство во суштина велејќи– ние Владите ќе работиме гледајќи кон иднината, за да ја зголемиме нашата соработка, Бугарија ќе ни помогне на нашиот евроинтегративен пат, а за прашањата на историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја кои што се заеднички и кои ги поврзуваат двата народи, двете земји“, посочи Димитров.

Но, според него, Бугарија го прави тешко пријателството, бидејќи, како што рече „не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед“.

„Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија– нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели“, истакна Димитров.

Тој нагласи дека решението на спорот со Бугарија мора да биде европско. Во однос на ставот на други членки на Унијата за проширувањето, на пример Холандија и Франција и нивната загриженост за владеењето на правото, Димитров вели дека прашањето на тие лидери е легитимно.