Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека ќе поднесе оставка во услови на истрага за тоа дали користел државни средства за да плати за поволни анкети за јавното мислење и за вести во медиуми.
Курц, кој ги негира обвиненијата, на 9 октомври објави дека министерот за надворешни работи Александар Шаленберг ќе ја преземе функцијата канцелар.
Одлуката доаѓа еден ден откако три опозициски партии планираа да иницираат гласање недоверба против него на специјалната парламентарна седница следната недела.
Обвинувањата се удар за 35-годишниот Курц, кој беше ѕвезда во подем меѓу европските конзервативци. Курц е на власт од 2017 година.
Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен на 8 октомври се обрати до нацијата уверувајќи ги граѓаните дека кризата нема да ги разниша демократските темели на земјата.
„Имаме криза на влада, а не криза на државата“, рече Ван дер Белен.
„Нашата демократија е подготвена за сите можни ситуации, вклучително и оваа“, рече тој.