Во првиот, вториот и третиот квартал од оваа година регистрирано е највисоко ниво на економска активност во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во споредба со истиот период во последните четири години, се вели во редовната анализа на ТИРЗ.
ТИРЗ се зони кои се дел од царинското подрачје на земјава одвоени од другиот дел на царинското подрачје, според законот за ТИРЗ.
„Во периодот од јануари до септември годинава, извозната активност во индустриските зони достигна 2 милијарди и 235 милиони евра што е за 39 отсто повеќе од истиот период во 2020 година, додека во однос на 2019 година порастот е околу 9 проценти, односно 26,6 посто споредено со 2018“, се вели во соопштението.
Инаку, технолошко-индустриските зони во земјава беа создадени да можат да ги користат физички и правни лица кои за пониски цени во нив можат да земат земјиште под долгорочен закуп, а инвеститорите меѓу другото се ослободени од плаќање даноци за комунални услуги, како и од дел од таксите за одобренија за градење.
Исто така инвеститорите се ослободени од плаќање ДДВ за увоз и трговија на стоки во слободните зони, од плаќање на царински давачки за опрема и резервни делови и имаат право на ослободување од персонален данок на доход во првите 10 години.
Во анализата на ТИРЗ се вели дека само во третиот квартал од оваа година извозот бил 696 милиони евра – највисок во последните години споредено со истиот период, но и дека во првите девет месеци од 2021 е регистрирано највисоко ниво на извоз и увоз споредено со истиот период во изминатите четири години.
Во соопштението се додава дека се очекува ваквиот тренд да продолжи до крајот на годинава, со што според проценките извозот може да достигне рекордно ниво од скоро 3 милијарди евра.
Според анализата, увозот во зоните во првите девет месеци од оваа година изнесува над 2,2 милијарди евра, што е за 56 отсто зголемен во однос на минатата година. Само во третиот квартал увозот е 690 милиони евра.
Од ТИРЗ наведуваат дека во период на зголемени инвестициски активности голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технолгии, но и дека внимателно се следат ризиците со глобалните ланци на снабдување.