Апелациониот суд на САД повторно го забрани абортусот во Тексас

Застапниците за правата на жените учествуваат на националниот женски марш одржан откако Тексас воведе целосна забрана за процедури за абортус и пристап до лекови кои предизвикуваат абортус. Остин, Тексас. 2 октомври 2021 година.

Федералниот апелационен суд на САД донесе одлука за привремено продолжување на примената на законот за забрана на абортус, само еден ден откако беа отворени клиниките за абортус, пренесува Гласот на Америка. Сојузната држава Тексас усвои ригорозен закон за забрана на абортус, кој го забранува абортусот по шестата недела од бременоста кога многу жени дури и не знаат дека се бремени.

Законот од самиот почеток беше оспоруван во судовите, а во средата неговата примена беше привремено суспендирана од страна на федерален судија.

Федералниот судија Роберт Питмен, назначен од претседателот Барак Обама, донесе одлука да го блокира ригорозниот закон за забрана на абортус и го оцени како „грубо кршење“ на уставно загарантираното право на абортус. По одлуката на судијата Питмен во Тексас се отворија многу клиники за абортус.

Меѓутоа, Петтиот окружен федерален апелационен суд во петокот вечерта на 8 октомври ја поништи одлуката на Питмен и повторно дозволи да се применува законот за забрана на абортус. Целиот случај беше инициран од Секретаријатот за правда, кој ја тужеше државата Тексас.

Законот за забрана за прекинување на бременоста во Тексас предвидува граѓаните да ги тужат клиниките кои ќе вршат абортус и доколку спорот заврши во нивна корист, ќе добијат 10.000 долари. На тој начин законот не го спроведува државата, туку граѓаните, и од таа причина пониските судови не можеа да ја блокираат неговата примена.

Врховниот суд, исто така, даде зелено светло за спроведување на законот во Тексас, но не се изјасни за неговата усогласеност со уставот.

Правото на абортус во САД е загарантирано со пресуда на Врховниот суд од 1973 година во случајот Ро против Вејд.