За обезбедување на настанот „Неврзани 2021“ во Белград ќе бидат ангажирани 3.243 припадници на Министерството за внатрешни работи, а се очекува да пристигнат 117 делегации со 572 нивни членови, изјави денеска командантот на Единицата за обезбедување на одредени лица и објекти Дејан Стефановиќ.
На 11 и 12 октомври во Белград ќе биде одржан самит по повод одбележување на 60-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните.
Движењето на неврзаните е најголемата група на држави по Обединетите нации. Самото име настана како идеја дека движењето ќе биде политичка алтернатива за земјите кои сакаат да избегнат да се оределат за некој воено-политички блок и да артикулираат независен надворешно-политички пристап.
Стефановиќ посочи дека припадниците на Министерството за внатрешни работи се целосно подготвени за почетокот на манифестацијата „Неврзани 2021“.
„По повод манифестацијата 60 години Неврзани формиран е Оперативниот штаб во Единицата за обезбедување на одредени личности и објекти. Членовите на штабот се претставници на Дирекцијата на полицијата, организациските единици на Дирекцијата на полицијата, како и претставници на Агенцијата за воена безбедност и Безбедносно-информативната агенција“, вели Стефановиќ во соопштение на Министерството за внатрешни работи.
Министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин денеска го посети Оперативниот штаб во Единицата за безбедност на одредени лица и објекти и беше информиран за мерките и дејствијата преземени од страна на припадниците на полицијата од сите организациони единици ангажирани за одржувањето на овој настан.
„Сите ангажирани припадници на Министерството за внатрешни работи од секоја организациона единица се подготвени за почеток на манифестацијата „Неврзани 2021“. Секоја делегација што ќе престојува во Белград во наредните денови ќе биде чувана и заштитена во согласност со сите наши протоколи. Настанот „Неврзаните 2021“ ќе биде организиран и обезбеден на највисоко ниво“, истакна министерот за внатрешни работи.
Тој побара од граѓаните на Белград да покажат гостопримливост и љубезност.
„Нашите гости нека посакаат да се вратат во Белград“, рече министерот Вулин.
Шефот на Управата за сообраќајната полиција Небојша Арсов, им порача на граѓаните дека сообраќајната полиција ќе направи се за да сообраќајниот метеж се сведе на минимум на 11 и 12 октомври, за да не се наруши секојдневниот живот на граѓаните.
На самитот по повод одбележување на 60-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните за прв пат ќе учествува Русија како набудувач.
Како што беше најавено, на настанот во Белград рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе го прочита поздравното писмо од рускиот претседател Владимир Путин.
Според најавите на актуелниот министер за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, учеството го потврдиле повеќе од 100 странски делегации, меѓу кои и 40-тина шефови на дипломатии.
Селаковиќ рече дека стратешката и суштинска цел на Србија е членството во Европската унија, но додаде дека официјален Белград не се откажува од традиционалните пријатели, а дека тоа „не се само Русија и Кина, туку и членови на Движењето на неврзаните“.