Кинескиот претседател вети „обединување“ со Тајван

Историската задача за целосно обединување на татковината мора да се исполни, вели кинескиот претседател Си Џинпинг,

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека „обединувањето“ со Тајван „мора да се исполни“.

Си додаде дека обединувањето треба да се постигне по мирен пат, но предупреди дека кинескиот народ има „славна традиција“ на спротивставување на сепаратизмот. Пекинг не ја отфрли можната за употреба на сила за да се постигне обединувањето.

Како одговор, претседателската канцеларија на Тајван соопшти дека иднината на островот е во рацете на неговите луѓе, пренесува Би-Би-Си.

Тајван се смета себеси за суверена држава. Меѓутоа, Кина го гледа Тајван како отцепена провинција.

Интервенцијата на Си Џинпинг доаѓа по наводите дека во текот на минатата недела биле изведени околу 150 кинески воени летови во тајванската зона ПВО.

Меѓутоа, говорот на 110-годишнината од револуцијата што ја собори последната кинеска царска династија во 1911 година, беше посмирувачки отколку неговата последна голема интервенција во Тајван во јули, каде што вети дека ќе ги „скрши“ сите обиди за формална независност на Тајван.

„Историската задача за целосно обединување на татковината мора да се исполни и таа дефинитивно ќе биде исполнета“, рече Си.

Тој рече дека сака мирното обединување да се одвива според политиката „една држава-два системи“, слична на онаа што се применува во Хонгконг.

„Сепаратизмот на независноста на Тајван е најголемата пречка за повторно обединување на татковината и најсериозната скриена опасност за националното подмладување“, додаде тој.

Сепак, претседателскиот кабинет на Тајван соопшти дека јавното мислење е многу јасно по прашањето за отфрлање на политиката „една земја-два системи“. Тајван го повика Пекинг да се откаже од своите „провокативни чекори за упад, малтретирање и уништување“.

И покрај зголемените тензии во изминатите неколку недели, односите меѓу Кина и Тајван не се влошија до нивото во 1996 година кога Кина со ракетни тестови се обиде да ги наруши претседателските избори, а САД за да ги одвратат испратија носачи на авиони во регионот.

Додека многу западни земји изразија загриженост за воената моќ на Кина, американскиот претседател Џо Бајден рече дека Си се согласил да се придржува кон „тајванскиот договор“.

Се чини дека Бајден мислеше на долгогодишната политика на Вашингтон за „една Кина“, според која таа ја признава Кина, а не Тајван.

Меѓутоа, договорот исто така му овозможува на Вашингтон да одржува „неофицијални“ односи со Тајван. Соединетите држави му продаваат оружје на Тајван според Вашингтонскиот закон за односи со Тајван, во кој се вели дека САД мора да му помогнат на островот да се одбрани.

Политиката „една Кина“, за која се верува дека ја споменале Бајден и Си, е клучен камен темелник на кинеско-американските односи, но се разликува од принципот на една Кина, според кој Кина инсистира дека Тајван е неотуѓив дел од една Кина и дека еден ден повторно ќе бидат обединети.

Кина и Тајван беа поделени за време на граѓанската војна во 1940 година, но Пекинг инсистира на тоа дека островот во одреден момент ќе биде вратен, доколку е потребно и со сила.

Островот има свој устав, демократски избрани лидери и околу 300.000 активни војници во своите вооружени сили

Тајван е признат од само неколку земји. Мнозинство наместо тоа ја признаваат кинеската влада во Пекинг. Соединетите држави немаат официјални врски со Тајван, но имаат закон кој бара од нив да му обезбедат одбрана на островот.