Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) во петокот на 8 октомври го изгласа признавањето на правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина како основно човеково право.
Со 43 гласови „за“ и нула против е усвоена резолуција за чиста животна средина, во која исто така се повикуваат државите да ги зголемат напорите за подобрување на животната средина, додека четири држави членки: Кина, Индија, Јапонија и Русија беа воздржани.
Со втората резолуција донесена со 42 гласови наспрема еден против, воспоставен е „специјален известувач“ кој меѓу другото ќе следи „како штетните ефекти од климатските промени, вклучително и ненадејните катастрофи, влијаат врз целосното и ефикасно уживање на човековите права“.
Русија беше против оваа резолуција, а Кина, Еритреја, Индија и Јапонија беа воздржани.
На дводневната седница на Советот кој има 47 членови, се гласаше и за известувачот за човекови права во Авганистан, одлука против која гласаше Пакистан.