Русија додаде пет новинари на РСЕ во регистарот на „странски агенти“

Бирото на РСЕ во Москва.

Пет новинари на Радио Слободна Европа(РСЕ) се дел од групата што денеска Министерството за правда на Русија ја додаде во регистарот на „странски медиумски агенти“.

Рускиот закон за „странски агенти“ беше усвоен во 2012 година и постојано се менува. Според него невладините кои добиваат странска помош и за кои владата смета дека се вклучени во политичка активност, треба да се регистрираат, да се идентификуваат како „странски агенти“ и да се подложат на ревизија. Потоа со измени беа опфатени и медиуми финансирани од странство, вклучително и рускиот сервис на РСЕ, уште шест други сервиси на РСЕ на руски јазик и проектот „Current time“. На списокот се додадени и неколку дописници на РСЕ.

Денеска Министерството за правда во регистарот ги додаде новинарите Татјана Волтскаја, Екатерина Клепиковскаја и Елена Соловиова, кои соработуваат со рускито сервис на РСЕ, како и новинарите Елизавета Сурначева и Роман Перл кои раборат за „Current time“.

Претседателот на РСЕ Џејми Флај го осуди овој потег како уште еден напад врз слободните медиуми во Русија и ја потврди посветеноста на медиумот кон руската публика.

„Денешното таргетирање од страна на Кремљ на пет руски државјани кои работат за РСЕ е само најнов обид да се замолчат независните медиуми во Русија. Ќе продолжиме да се бориме со оваа апсурдна употреба на законот за „странски агенти““, рече Флај.

Во регистарот денеска се додадени уште неколку новинари од други медиуми.

Околу 85 лица и организации досега се вклучени во регистарот на „странски агенти“, од кои 68 од почетокот на годината.