Лекарите во Романија побараа ново затворање на државата поради коронавирусот, откако денеска беше објавено дека како последица на ковид-19 починале 385 лица, што е нов рекорд од почетокот на пандемијата.
Од вкупниот број смртни случаи, 357 се регистрирани во текот на изминатите 24 часа, додека останатите се од претходно, но не биле пријавени досега.
Бројот на нови инфекции со коронавирус во Романија во изминатите 24 часа изнесува 13.854. Романија е земја членка на ЕУ, со втора најниска стапка на вакцинација против ковид-19. Земјата се соочува со четвртиот бран на ковид, кој според претседателот Клаус Јоханис е „катастрофален“.
Рекордот од 15.037 инфекции беше регистриран на 5 октомври. Вкупно 1.332.221 случаи се регистрирани во Романија од почетокот на пандемијата.
Телевизиски снимки покажуваат дека редици амбулантни возила чекаат пред болниците за да се ослободат кревети за нови пациенти.
За прв пат од почетокот на пандемијата, Романија размислува да пренесе околу 200-300 пациенти надвор од земјата на лекување.
Соседна Унгарија понуди помош за болните пациенти, додека Холандија и Полска понудија снабдување со кислород во рамките на механизмот за меѓусебна поддршка ширум ЕУ.