Висок претставник на Светската здравствена организација (СЗО) вчера го посети Туркменистан, чија влада негираше какво било присуство на коронавирус во земјата. Во посета на централно-азиската земја вчера бил регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге. Тој се сретнал со министерот за надворешни работи на Туркменистан, Рашид Мередов.
Посетата на Клуге доаѓа бидејќи болниците во строго контролираната поранешна советска република се преполни со пациенти со ковид-19.
Властите во Туркменистан продолжуваат да инсистираат дека нема случаи на коронавирус во земјата, но тие воведоа строги ограничувања на териториите каде што се пријавени многу случаи на луѓе со симптоми на ковид-19.
На 6 октомври, неколку невладини организации издадоа отворено писмо во кое го повикаа Клуге јавно да го каже официјалниот став на СЗО за ситуацијата со коронавирусот во Туркменистан. Според неколкуте невладини организации кои се занимаваат со човекови права епидемиолошката состојба во Туркменистан е драматична поради ширењето на коронавирусот.
Претставниците на СЗО претходно го посетија Туркменистан во јули 2020 година, по што властите воведоа ограничувања за да спречат ширење на болеста во земјата.
Официјалните претставници на СЗО во тоа време препорачаа Туркменистан да преземе мерки „како да има коронавирус во земјата“.