Самоубиствен напад во џамија во Авганистан

Мапа на местото каде се случила експлозијата.

Најмалку 100 луѓе се убиени или повредени во експлозија на бомба во шиитска џамија во авганистанската провинција Кундуз. Станува збор за бомбаш самоубиец. Ова е најкрвавиот напад во Авганистан откако во август талибанците ја презедоа контролата врз поголемиот дел од земјата.

Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА) на Твитер изрази длабока загриженост за нападот во областа Ханабад, повикувајќи се на првични информации кои укажуваат дека „повеќе од 100 луѓе загинаа и се повредени“.

Од полицијата во провинцијата Кундуз велат дека има многу загинати, а управата на провинцијата, предводена од талибанците, соопшти дека станува збор за самоубиствен напад.

Засега нема одговорност за експлозијата. Според очевидци, експлозијата се случила во џамијата Гозар-е-Саад Абад за време на петочната молитва.

АФП јавува дека во провинциската болница во Кундуз биле примени тела на 35 лица загинати во експлозијата, како и повеќе од 50 ранети пациенти.

„Лекари без граници“ објавија дека најмалку 20 луѓе загинале, а 90 други се повредени во експлозијата во шиитската џамија.

Денешната експлозија доаѓа по неколкуте напади во последните недели. За дел од тие напади одговорност презеде локалната филијала на екстремистичката група Исламска држава, Исламска Држава-Корасан, кои се непријатели на новите владетели со Авганистан.