Рашковски парите од тендерите ги префрлал на свои сметки и си отплаќал кредити

Драги Рашковски.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд во Скопје поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест лица за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување јавни набавки на софтвер. Со обвинителниот акт се бара да им биде продолжен куќниот притвор на Рашковски, како првообвинет и на четврто обвинетиот, сопственик и управител на економски оператор кој учествувал на јавните набавки. Според обвинението, Рашковски од јуни 2017 до мај годинава пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Тие го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.

Според обвинението седум лица ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, се наведува во соопштението од ОЈО.

Во обвинението се наведува и дека Рашковски склучувал авторски договори со физички лица, кои сега се дел од обвинетите, иако знаел дека воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа му враќале дел од хонорарите во кеш.

Со обвинителниот акт, како што информираат од Обвинителствот, е предложено да биде определена и привремена мерка за обезбедување на имотно – правно барање на износ од 5.050.000 денари(околу 83 илјади евра), за сторената штета во вкупен износ од 18.794.137,00 денари(над 300 илјади евра) што настанала поради извршување на кривичното дело.

На првообвинетиот му се става на товар дека сторил продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“, второ и трето обвинетите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, додека останатите лица се обвинети дека помагајќи сториле по едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Рашковски прво беше спроведен во притвор во затворот во Шутка, но од јуни е во домашен притвор.