Уште 149 Авганистанци пристигнаа во земјава

илустрација

Доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Скопје пристигна нова група од 149 граѓани од Авганистан. Од македонската влада соопштија дека станува збор за стипендисти на Фондациите Отворено општество и граѓани кои работеле во меѓународните мисии за развој на демократијата во Авганистан, како и членови на нивните семејства.

„Граѓаните ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации. По слетувањето доцна синоќа беше спроведена стандардна процедура, безбедносна проверка и заштита, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина“, се вели во соопштението од Владата на РСМ.

Досега во земјава пристигнаа вкупно 450 граѓани на Авганистан. Од Владата велат дека институциите прават сé за тие да се чувствуваат безбедно за време на нивниот престој тука и додаваат дека Република Северна Македонија останува посветена како дел од меѓународната хуманитарна акција за помош на граѓани од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот.