УЈП: 5.713 обврзници немаат исплатено плати на 14.829 вработени

Управа за јавни приходи

Годинава, заклучно со 4 октомври, 5.713 обврзници немаат исплатено плати на вкупно 14.829 вработени, информира директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.

„До сите овие обврзници се доставени опомени и согласно нашиот календар на активности – денеска или првиот работен ден по празникот, ќе треба да бидат доставени и блокади,“ рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Таа посочи дека е спроведена присилна наплата кај сите компании што ја злоупотребија државната помош кои, како што рече, беа објавени јавно и транспарентно од страна на Генералниот секретаријат на Владата, бидејќи тие беа исплатувачи на средствата од финансиската помош за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19.

Во периодот од јануари до август годинава, прецизира Лукаревска, УЈП извршила 1.876 контроли на даноци или придонеси.

За издавање и не издавање фискални сметки на територијата на целата држава, како што кажа, во првите осум месеци од годинава извршени се 1.729 контроли по однос на Законот за регистрирање готовински плаќања од кои 1.266 биле со констатирани неправилности, а 463 без неправилност