Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека донеле одлука да протераат осум членови на руската мисија во Алијансата како одговор на напливот на „злонамерните активности“ на Москва, по што Кремљ предупреди дека одлуката ја поткопува „речиси целосно“ секоја надеж за подобрување на односите.
НАТО вчера објави дека на руските официјални лица ќе им биде одземен пристапот до седиштето на организацијата во Брисел од крајот на месецот, велејќи дека тие се непријавени припадници на руските разузнавачки служби. НАТО, исто така, го преполови бројот на позиции за кои Русија може да акредитира луѓе од 20 на 10.
„Оваа одлука не е поврзана со некој конкретен настан, но веќе некое време видовме зголемување на руската злонамерна активност и затоа треба да бидеме будни“, рече Столтенберг пред новинарите во Брисел.
Односите меѓу Алијансата и Москва во моментов се на „најниска точка од крајот на Студената војна ... поради руското однесување“, рече тој, наведувајќи ги „руските агресивни дејствија“ против Украина и нејзиниот „значителен воен развој и кршење на важни договори за контрола на вооружувањето.
Официјалните контакти меѓу НАТО и Русија се ограничени откако Москва изврши анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и предизвика конфликт во источна Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска рече дека надежите за подобри односи се речиси целосно компромитирани. Според него, постои очигледна противречност во изјавите на претставниците на НАТО за желбата за нормализирање на односите.
„Овие акции, се разбира, не ни дозволуваат да имаме илузии за можноста за нормализирање на односите или продолжување на дијалогот со НАТО. Напротив, овие перспективи се речиси целосно поткопани“, рече тој.