Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека нема перспектива за Западен Балкан и дека ЕУ се држи како заложник самата себе си на Балканот. Тој во интервју за австрискиот весник Куриер посочува дека Албанија мора да ги прифати правилата на игра на ЕУ.
„Не сум фрустриран, но научив. Сега има друга идеја за правилата на игра во ЕУ и мора да ги прифатиме. Не треба да се губи трпението и страста. Повеќе се работи за функционирање на Албанија како земја на ЕУ отколку за фактот дека Албанија е членка на Европската унија“, изјави Рама.
Според него, правилата на играта се дека секогаш има врска со внатрешната политика во една или друга земја членка на ЕУ.
„Она што важи денес нема зошто да се спроведува утре. Идентично е како и со временската прогноза. Ние во меѓувреме развивме техника која ни помага да го дешифрираме изборниот календар на ЕУ. Во зависност од профилот на една земја, може да се очекува извесно забавување на процесот на проширување на ЕУ по изборите“, смета Рама.
Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ вчера заврши со порака дека иднината на шесте земји од регионот, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора е во унијата, но кога тоа ќе се случи не се знае.