Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека МОН е информирано дека во некои книжарници се продаваат комплет учебници за четврто одделение за кое од оваа година треба да се употребуваат дигитални. Министерката изјави дека МВР има укажувања, а и постапува во случаи каде што се прекршени материјалните права на авторите и на издавачите на учебници.
„Бирото за развој на образованието нема издадено одобрение на никого за печатење примероци. Ако ми посочите каде се наоѓаат, тогаш јас тоа директно би го пријавила во Министерството за внатрешни работи како што направив и во претходни случаи кога имав сознанија дека такво нешто се случило и каде што имаше постапување“, изјави Царовска по учеството на конференција за унапредување на финансиската едукација на учениците од средните стручни училишта.
Царовска вели дека просветните инспектори се постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците. Таа апелираше да се користат дигиталните верзии.
Министерството за образование има набавено печатени верзии на учебниците, станува збор за 20 отсто од вкупниот потребен тираж, и тие учебници се пратени до школите за да им се дадат на учениците кои немаат електрична енергија дома да може да ги имаат кај себе, а одреден број примероци и за користење во училишните библиотеки.
Министерката во однос одвивањето на школската година во услови на пандемија, рече дека е задоволна како се одвиваат работите. Таа вели дека состојбата со новозаразени во наставата е стабилна