Ковачевски - Поевтино е да се произведе струја од увезен јаглен, отколку да се увезува струја по енормни цени

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Со високите цени на електричната енергија на берзите, кои ќе се задржат и во следните месеци, па и во текот на следната година, поевтино, но и посигурно е да се набави јаглен и да се произведе електрична енергија, отколку струја да се увезува по енормни цени и да се ризикува дали ќе ја има доволно, рече денеска генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Тој на прес-конференција во РЕК Битола, рече дека АД ЕСМ ќе го засили ископот на сопствен јаглен согласно максималните капацитети што ги има, но побарувачката на електрична енергија е таква што пресметките покажуваат дека и со количините набавен јаглен исплатливо е да се произведува и продава струја.

Ковачевски вели дека цените на струјата на регионалните берзи се за трипати зголемени, и од 56 евра за мегават час (MWh) цена што беше до пред неколку месеци, сега цените се движат меѓу 140 и 170 евра за мегават час (MWh) и нема најава дека ќе се намалат.

„Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, АД ЕСМ има стабилно производство и ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните. Но, за разлика од домаќинствата, стопанството, стопанските субјекти, се снабдуваат на слободниот пазар, и со оглед на енормниот пораст на цените на берзите нашето стопанство се соочува со опасност од голем ценовен удар на еден од главните енергенси и ресурси кои ги користи, а тоа е струјата“, рече Ковачевски.

Согласно насоките од Владата, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што АД ЕСМ објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на трет блок во РЕК Битола, како и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј.

Владата и Стопанската комора дискутирале за ублажување на ценовниот шок

Цената на струјата порасна на светските берзи, но премиерот Зоран Заев уверува дека цената на струјата за домаќинствата засега нема да расте.