Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави денеска дека самитот ЕУ-Западен Балкан е многу важен настан на кој се кристализира ситуацијата во регионот, но исто така посочи дека пред проширувањето некои отворени прашања како што се односите меѓу Белград и Приштина, како и Северна Македонија и Бугарија, мора да се решат.
Тој на прес-конференција со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел истакна дека ова е настан кој може да се спореди со Солунскиот самит во 2003 година.
„Тоа беше време кога трагичните последици од минатиот век се чувствуваа во воздухот. Тогаш се сметаше дека проширувањето ќе се случи порано. Но, по таа одлука, следеа повеќе кризи, дури и во ЕУ, што доведе до одложување“, нагласи Јанша, додавајќи дека декларацијата усвоена денеска има многу позитивни пораки, од заеднички инвестиции до роамингот.
Според него, не е тајна дека Словенија се стреми кон „лабава временска рамка“ за идните чекори за проширување, дека таа точка не е вклучена во декларацијата, но дека постои голема подготвеност на земјите-членки во следната деценија да ја постигнат најголемата можна европска перспектива на Западен Балкан.