Шведска и Данска ја суспендираа употребата на вакцината Модерна против ковид 19 за помладите луѓе, велејќи дека тоа е направено како мерка на претпазливост по пријавите за можни ретки несакани ефекти, како што е миокардитис.
Шведската агенција за јавно здравје објави дека ќе ја прекине употребата на Модерна вакцина за деца под 30 -годишна возраст, лица родени 1991 година и подоцна. Причината за прекин на вакцинацијата беа „знаци на зголемен ризик од несакани ефекти како што се воспаление на срцевиот мускул (миокардитис) и перикардитис“, наведува шведската агенција.
Сепак од агенцијата додаваат дека ризикот од миокардитис и перикардитис е многу мал.
Андерс Тегнел, главен епидемиолог во Шведска, рече дека тие „внимателно ја следат ситуацијата и реагираат брзо за да обезбедат безбедна вакцинација против ковид 19“.
И Данска објави дека одлучила да ја прекине апликацијата на вакцината Модерна за лица помлади од 18 години „како мерка на претпазливост“.
„Според прелиминарните податоци, постои сомневање за зголемен ризик од воспаление на срцето со вакцината Модерна“, се вели во соопштението на данската здравствена управа.
Во соопштението се наведуваат податоци од необјавена студија, која треба да се испрати до Европската агенција за лекови (ЕМА) за понатамошна евалуација. Шведска и Данска сега ја препорачуваат вакцината на Фајзер/Бионтек за тие возрасни групи.