Чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Брдо кај Крањ, каде присуствува на Самитот ЕУ – Западен Балкан.
Заев нагласи дека не е нова вест оти за нас е прифатливо во духот на европските добрососедски односи да ги интензивираме разговорите со Бугарија.
„Ние велиме да, можеме и мораме. Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори“, истакна Заев.
Тој нагласи дека на Самитот е добиена уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во Унијата.
„За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“, посочи Заев.
Претходно на средбата со Макрон, Меркел и Заев бугарскиот претседател ја потенцираше агендата 5+1, прецизирајќи ги условите што ги бара Софија од Скопје, како и тоа дека очекува правнообврзувачки договор со Скопје до ноември, а за Бугарија да каже ДА за Македонија, прво ќе треба да се види што е исполнето од Скопје.
„Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен – се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство. Потоа, македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите 7 народи наведени во Уставот на Северна Македонија и тоа треба да биде јасно наведено во Уставот. Второ, македонските Бугари да бидат јасно наведени во резултатите од пописот. Трето, како што беше признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија. Објективните факти од нашата општа историја не може да бидат подложени на мултиперспективно толкување“, изјави Радев.