Меркел: Не поддржав фиксен датум за влез на Западен Балкан во ЕУ

Ангела Меркел и Зоран Заев

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан се согласиле дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но дека таа не поддржала давање фиксен датум на државите од Западен Балкан за нивно пристапување кон Унијата.

„Не поддржав да им се даде фиксен датум на земјите од Западен Балкан за нивно пристапување во Европската унија“, истакна Меркел на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

Таа, исто така, изрази надеж дека проблемите околу блокадата на пристапните преговори на Северна Македонија можат да се надминат.

ЕУ декларацијата која беше претставена на Самитот во Брдо содржи 29 параграфи, поделени во четири тематски целини - Декларацијата „Брдо“, Ковид-19, Економски и инвестициски план за Западен Балкан и Политичка и безбедносна соработка.

Покрај поддршката од членките на Унијата, Декларацијата содржи и напомена дека „ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините одлуки донесени врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и по принципот на сопствени заслуги“.