Македонија на „сива даночна листа“ во ЕУ

илустрација, македонски денари

Европската Унија ја стави Северна Македонија на „сива листа“ поради недоволно исполнување на даночните критериуми, во прашање се технолошко-индустриските развојни зони, јавува новинската агенција МИА.

Советот на ЕУ вчера ја стави Северна Македонија на сива листа на земји кои имаат потенцијално штетни даночни режими. Во македонскиот случај, како што јавува МИА, ова се однесува на технолошко-развојните индустриски зони.

Одлуката на ЕУ се базира врз анализите на Организацијата за економска соработка и развој која претходно ги стави овие зони во проблематична категорија, нагласувајќи дека тие содржат потенцијално штетни особини. Списокот на земји и територии кои не ги исполнуваат даночните стандарди се ажурира два пати годишно во ЕУ.

Од Министерството за финансии велат дека Македонија е на листата на кооперативни јурисдикции за даночни цели и во овој процес што го спроведува Советот на ЕУ е вклучена од 2017 година. Оттаму велат дека не постојат „бела“, „црна“ или „сива листа“.

„Република Северна Македонија ги исполнува сите меѓународни стандарди за оданочување и ги имплементира истите, а како резултат на овој процес во август 2018 година стана 117-та земја членка на BEPS (Ерозија на даночна основа и пренесување на профит). Дополнително, ја потпиша и ратификува Мултилатералната конвенција за заемна административна помош за даночни прашања (MAC), која што стапи во сила на 1 јануари 2021 година“, велат од Министерството за финансии.