Заев и Радев на средба со Меркел и Макрон: Македонија со надежи, Бугарија со услови

Бугарскиот претседател Румен Радев, македонскиот премиер Зоран Заев и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот во Брдо, 6 октомври 2021

Потребни се европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ за да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи.

Ова денеска го рекол македонскиот премиер Зоран Заев на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и со бугарскиот претседател Румен Радев, пред почетокот на официјалниот дел од денешниот Самит ЕУ - Западен Балкан, во Брдо кај Крањ, во Словенија.

Според владиното соопштение, Заев и вицепремиерот Никола Димитров се заблагодариле за определбата на Унијата за Западен Балкан, како и за тоа што „лидери како Меркел и Макрон помагаат за решавање на билатералните спорови, кои влечат корени од минатото“.

Видете и ова: Лајен во пресрет на самитот во Брдо- Западен Балкан припаѓа на ЕУ


Наспроти Заев, бугарскиот претседател Румен Радев, во изјавата од Самитот во Словенија, ги наброи сите услови кои треба да ги исполни Скопје, за да добие ДА од Софија.

„Нашите позиции се јасни. Се додека продолжува овој вид на преродбен процес, сe додека нашите сонародници продолжуваат да подлежат на суптилна асимилација, потиснати се нивните основни права и не се интегрираат целосно во Северна Македонија заедно со другите нации, не можеме да кажеме ДА за почеток на преговорите“, изјави Радев.

Тој ја повика Македонија безусловно да се придржува кон Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, доколку сака да се приклучи кон ЕУ, како и тоа, македонските власти да ги прекинат, како што вели, „идеологиите на тоталитарното минато, со македонизмот и омразата кон Бугарија“.

„Очекуваме искоренување на говорот на омраза, заблудата и толкувањето на Бугарија од учебниците, спомениците, музеите и јавната политика. Тогаш нашите луѓе се подготвени да кажат да. Сакаме јасни правно обврзувачки документи. Македонските Бугари да се рефлектираат во пописот. Сакаме како што се призна историската вистина во односите со Грција, да се признае и историската вистина во односите со Бугарија. Раскинување со македонизмот и омразата кон Бугарија и донесување јасни одлуки“, рече Радев и додаде дека нивните ЕУ партнери се повеќе сфаќаат што е суштината на проблемот со Македонија и дека решението е во запирање на „дебугаризацијата“.

Видете и ова: Јотова - Нема основа за промена на бугарската позиција кон Република Северна Македонија


На Самитот во Брдо кај Крањ се очекува да биде потпишана Декларација за подршка на ЕУ за интеграција на земјите од Западен Балкан, но без прецизирање на временски рок. На Самитот му претходеа информации дека ЕУ веќе не може да дава гаранции за проширување со земји од Западен Балкан, што експресно беше демантирано од челниците на Унијата. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на Европа и вчера и денеска во своите изјави ја потенцираа евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Самитот формално не е за проширување, но лидерите на земјите од регионот очекуваат потпишување на декларација која треба да го покаже заедништвото на ЕУ за темата проширување. Пред две години Франција и Холандија го блокираа процесот на проширување, а сега е актуелно ветото за Македонија од Бугарија која бара признавање на бугарски корени во македонскиот идентитет и јазик, што не е прифатливо за Македонија.