Заев, Радев и Лајен на заеднички појадок во Брдо

Премиерот на Словенија Јанез Јанша како домаќин, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев денеска во Брдо, Словенија учествуваа на заеднички појадок. Словенија денеска е домаќин на самитот на Европската унија и Западен Балкан. На самитот ќе присуствуваат шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан.

На средбата била потенцирана важноста на проширувањето на ЕУ со земјите на Западен Балкан, било поздравено тоа што за Брисел и натаму проширувањето на Унијата со земјите од регионот останува стратешки приоритет, што се очекува да биде нотирано и во денешната декларација од Самитот, се вели во соопштението од македонската владина прес служба.

„Премиерот Заев на средбата потенцираше дека народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела, и дека ако ЕУ не дејствува, разочарувањата кај народите од регионот ќе бидат непоправливи и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка“ се вели во соопштението.

Лидерите на ЕУ се очекува да ја усвојат декларацијата на крајот од состанокот, а лидерите на Западен Балкан ќе бидат поканети да се усогласат со документот.

Во декларацијата во која имаше увид Радио Слободна Европа се наведува дека ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива.