Лајен во пресрет на самитот во Брдо- Западен Балкан припаѓа на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, денеска истакна дека со овој собир Унијата испраќа многу важна порака до регионот, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ. Фон дер Лајен нагласи дека членките на ЕУ сакаат интеграција на Западен Балкан бидејќи знаат дека тоа е добро и за Западен Балкан и за ЕУ.

„Имаме заеднички интереси и заеднички можеме подобро да се развиваме. Интеграцијата на Западен Балкан во заедничкиот пазар мора да напредува. Мојата порака до Западен Балкан е – ние ве сакаме во ЕУ, продолжете со реформите, целта е пред очи“, изјави претседателката на Европската комисија.

Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, денеска изјави дека лидерите собрани на самитот ЕУ-Западен Балкан „ќе потврдат и јасно ќе кажат дека се посветени на целосната интеграција и членство на Западен Балкан во ЕУ“.

„Во таа насока, ние мора да ја преземеме нашата одговорност и да донесеме одлуки како што се отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, отворање кластери со Србија, забрзување на работата за кандидатурата на БиХ и визна либерализација за Косово“, рече Вархеји по пристигнувањето на самитот.

Самитот на Европската унија и Западен Балкан што ќе се одржи денеска на Брдо кај Крањ во Словенија, ќе ги собере шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан.

Меѓу главните теми на самитот ќе бидат развојот на соработката ЕУ-Западен Балкан за политички и безбедносни прашања од заеднички интерес, социо-економското закрепнување на регионот по пандемијата, имплементација на Економскиот и инвестициски план и зајакнување регионална соработка. Лидерите на ЕУ се очекува да ја усвојат декларацијата на крајот од состанокот, а лидерите на Западен Балкан ќе бидат поканети да се усогласат со документот.

Во декларацијата во која имаше увид Радио Слободна Европа се наведува дека ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива.