Борисов во Љубљана се сретна со премиерите на Словенија, Хрватска, Грција и Австрија

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов денеска во Љубљана се сретна со премиерите на земјите од ЕУ во Југоисточна Европа, Словенија, Хрватска, Грција, како и Австрија, Јанес Јанша, Андреј Пленковиќ, Киријакос Мицотакис и Себастијан Курц.

Веста ја објави самиот Борисов на својот профил на Фејсбук.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, за време на разговорите учесниците се обединиле околу заклучокот дека европската интеграција на Западен Балкан е важен приоритет за Европа.

Според Борисов, пред сè, тоа е дел од обезбедувањето стабилност и безбедност во Централна и Источна Европа. Поранешниот бугарски премиер во својата објава потсети дека Бугарија е генератор на интегративниот процес за шесте земји од Западен Балкан и на средбата во Љубљана уште еднаш го аргументираше својот став дека „Македонија и Албанија се важни за нашето европско семејство. Само обединети и заедно можеме да се справиме со последиците од пандемијата на Ковид-19 и да ги подготвиме економиите и здравствените системи на нашите земји за следниот бран или слични кризи“.

Средбата на премиерите и лидерите на ЕПП во Љубљана се одржува во пресрет на состанокот ЕУ-Западен Балкан, како дел од ротирачкото претседавање на Словенија со ЕУ.