Бајден до Фон дер Лајен: силна поддршка за пристапниот процес на Западен Балкан

Архивска фотографија- Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен,

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден синоќа разговарал со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, соопшти Белата куќа. Една од темите за разговор било и проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

„Двајцата лидери исто така дискутираа за Западен Балкан и претседателот Бајден ja пренесе неговата силна поддршка за продолжување на пристапниот процес за земјите од тој регион“, рекол Бајден, а пренесува Белата куќа.

Бајден и Фон дер Лајен разговарале и за поддршката за Европската унија, посветеноста на продолжување на спроведувањето на договореното на самитот меѓу ЕУ и САД, важноста на заедничката соработката во борбата против ковид-19, климатските промени и други теми.

Телефонскиот разговор доаѓа непосредно пред утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи во Брдо, Словенија. Таму лидерите на шесте балкански земји- Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, со високите европски претставници ќе разговараат за нивната перспектива во унијата.

Радио Слободна Европа објави дека утре на маса ќе биде ставена декларација во која редакцијата имаше увид и се наведува дека „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е во наш заеднички стратешки интерес и останува наш заеднички стратешки избор“.