Николоски: смешно е да се тврди дека 14 луѓе загубија животи заради некаков кабел

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска од Општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во врска со извештајот за модуларната во Тетово рече дека очигледно било дека СДСМ и ДУИ преку обвинителството во Тетово си нарачале извештај каков што им одговара со цел да скријат одговорност. Николоски истакна дека во најмала рака, било „смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија заради некаков кабел“.

„Во исто време дури и да е така како што тврди тетовското обвинителство, повторно одговорноста е кај Венко Филипче затоа што тој е министер за здравство и тој е најодговорен за изградбата на модуларните болници и за нивното функционирање, затоа што тие се во рамките на министерството за здравство и знаеме дека со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени“, рече Николоски.

Претходно денеска, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, информираше дека во Основното јавно обвинителство Тетово е доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Премиерот Зоран Заев најави дека во текот на денот или најдоцна утре ќе даде коментар за објавениот извештај и дека веднаш, откако ќе ги осознае сите информации за тоа што е објавено, ќе го каже и својот став за оставките на министерот и на заменик министерот за здравство.

Пожарот во тетовската модуларна ковид болница се случи на Денот на независноста, Осми септември. Како што најави премиерот Заев тогаш од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот ќе зависи и одлуката дали ќе ги прифати понудените оставки од морални причини од министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот Илир Хасани и двајцата директори на Тетовската болница.