Заев: до утре ќе одлучам за оставките на Филипче и Хасани

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче

Премиерот Зоран Заев најави дека во текот на денот или најдоцна утре ќе даде коментар за објавениот извештај од вештачењето за пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово.

„Навистина првпат слушам дека извештајот е објавен, веројатно веќе сме биле на прес-конфернција кога тоа е објавено. Дозволете да го прочитам извештајот, да го видам со се што е објавено, за да можам да ги дадам своите реакции и веднаш во текот на денот или најдоцна утре ќе дадам свој коментар за ова“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.

Прашан, што тоа конкретно ќе значи за понудените оставки, рече дека веднаш, откако ќе ги осознае сите информации за тоа што е објавено, ќе го каже и својот став за оставките на министерот и на заменик министерот за здравство.

Пожарот во тетовската модуларна ковид болница се случи на Денот на независноста, Осми септември. Како што најави премиерот Заев тогаш од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот ќе зависи и одлуката дали ќе ги прифати понудените оставки од морални причини од министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот Илир Хасани и двајцата директори на Тетовската болница.

Претходно денеска, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, информираше дека во Основното јавно обвинителство Тетово е доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.