Северен поток 2 почна да се полни со руски гас

Германија- уличен знак за гасоводот „Северен поток 2“

Операторот на рускиот гасовод Северен поток 2 почна со полнење на гас на контроверзниот капацитет кој поминува низ Балтичко море до Германија. Северен поток 2, компанија со седиште во Швајцарија која е во сопственост на подружница на рускиот гигант Газпром, во соопштението испратено на 4 октомври наведува дека првиот дел од гасоводот постепено се полни.

Овој последен чекор со кој се приближува до почеток работата на гасоводот се случува во време кога Европа се соочува со намалени резерви на гас и зголемени цени на енергенсите што е закана за економското опоравување на континентот по пандемијата со коронавирусот, а во пресрет на зимската сезона. Германските медиуми јавуваат дека гасот може да почне да пристига до крајот на месецов.

Преку Северен поток 2 рускиот гас ќе се носи директно до Германија со што ќе се избегнат копнените патишта за превоз низ Украина. Киев поради ова ќе изгуби околу две милијарди долари годишно кои ги добиваше за транзит. Украина лобираше против проектот и ја предупредуваше Европа дека може да биде користена од Москва за политички и економски притисок.

Соединетите Американски Држави исто така се противеа на Северен поток 2, но претседателот Џо Бајден во мај се согласи да се откаже од конгресните мандатни санкции за гасоводот за да се олеснат односите со Германија.