Социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, како и апликацијата Ватсап, повеќе од 6 часа се недостапни за најмалку 10 милиони корисници. Новинските агенции јавуваат дека и внатрешните системи на Фејсбук што ги користат вработените исто така се во прекин.
Фејсбук минува низ голема криза откако укажувачот Франсис Хауген, поранешна вработена како менаџер во компанијата Фејсбук, им достави пред еден месец на американските медиуми документи од компанијата кои докажуваат дека компанијата знае за штетите предизвикани од нејзините производи и дека Инстаграм, особено, може да му наштети на менталното здравје на тинејџерките.
Таа во интервју за американската ТВ емисија „60 минути “ го откри својот идентитет и укажа дека Фејсбук ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.
„Тоа што постојано го гледав во компанијата Фејсбук беше конфликт на интереси меѓу она што е добро за публиката и она што е добро за Фејсбук. И Фејсбук постојано оптимизираше само во сопствен интерес, за правење на повеќе пари“, изјави таа за емисијата.
37-годишната Хауген која во емисијата беше претставена дека претходно работела за други компании како Гугл и Пинтерест, во интервјуто посочи дека компанијата Фејсбук и принципот на работа е полош од се што видела до сега. Таа на медумите им доставила над 10 илјади страници интерни истражувања кои се однесуваат на проблемите со дезинформациите.
Таа во интервјуто, алудирајќи на документите, посочи дека компанијата ја лаже јавноста за тоа дека постигнала значен напредок во спречувањето на ширењето на насилство, омраза и дезинформации на социјалната мрежа. Хауген изјави дека коренот во проблемот на Фејсбук е во промената на алгоритамот направена по 2019 година со која се менува она што може корисникот да го гледа како новости на „ѕидот“ .
„Го имате телефонот во рака и можете да погледнете за пет минути околу стотина содржини со тоа што го движите прстот надолу по екранот. Но Фејсбук има илјаднци опции кои може да ви ги покаже. Алгоритамот избира за вас од опциите на кои сте стиснале „ми се допаѓа“ претходно. Една од последиците од тоа како Фејсбук ја одбира содржината да ви ја покаже денеска е оптимизирање на содржини кои ќе предизвикаат повеќе реакција. Во нивното истражување се покажува дека содржините кои што имаат омраза во нив, или некаква поделеност, или која поларизира полесно предизвикува гнев отколку други емоции. Тоа ги задржува подолго време да поминат на платформата“, изјави таа.
Хауген истакна дека Фејсбук сфати дека ако го смени алгоритамот во побезбеден така луѓето ќе поминуваат помалку време на платформата, со тоа ќе има помалку реклами и помалку профит.
Фејсбук беше под зголемен притисок од јавноста да преземе мерки за да се заштити од тоа да биде платформа каде што може да се шират дезинформации, омраза и содржини што ги повредуваат децата.
Во текот на денешниот ден почнаа да „паѓаат“ и акциите на Фејсбук кој има скоро 2 милијарди дневно активни корисници, се намалија за 5,5% во попладневното тргување, што се приближи кон најлошиот берзански ден за Фејсбук.