Mилиони корисници на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Ватсап во моментов имаат проблеми со достапност на овие социјални мрежи. Трите платформи кои се во сопственост на Фејсбук целосно престанаа да работат денеска после 17 часот. Корисниците добиваат пораки за грешки на сите три услуги преку андроид апликации „Извинете, нешто тргна наопаку“, „Грешка во серверот“ и слично.
Додека претходно во текот на денот во само некои географски региони имаше прекини на достапноста на Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп, нивните услуги сега се недостапни низ целиот свет, јавуваат светските новински агенции.
Компанијата на социјалната мрежа Твитер соопшти дека „ е свесна некои луѓе имаат проблеми со пристапот до социјалната мрежа Фејсбук“ и дека работи на враќање на пристапот. Од компанијата не посочија причина за прекинот во достапноста.
Фејсбук минува низ голема криза откако свиркачот Францес Хауген, која беше извор на серијата приказни на Волстрит Журнал, откри внатрешни истражувања на компанијата за негативните ефекти од нејзините производи и одлуки. Хауген, поранешна вработена во Фејсбук во интервју за американската ТВ емисија „60 минути“ откри дека таа е „свиркачот“ кој во изминатите месеци испрати доверливи информации до медиумите дека компанијата давала приоритет на профитот пред безбедноста на мрежата.
Хауген го обвини Фејсбук дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.
Други апликации што се дел од Фејсбук работна платформа, исто така престанаа да работат. Прекините на Фејсбук се случуваат ретко, но имаат големо влијание, бидејќи се три од најкористените социјални мрежи во светот.