Туркменистански гувернер почина од ковид-19,а властите негираат присуството на вирусот во земјата

Илустрација, денот на независноста прославен во флавниот град на Туркменистан

Семејството на туркменскиот гувернер Тојли Атајанов на регионот Сакарче во југоисточната туркменистанска провинција соопшти дека починал од коронавирус. Во меѓувреме туркменистанските власти продолжуваат да го негираат присуството на коронавирусот во земјата. Според изјавата на членови на семејството за туркменистанскиот сервис на Радио Слободна Европа, 40 годишниот гувернер починал денеска од компликации предизвикани од ковид -19 и тој утре ќе биде погребан.

Роднините посочија дека Атајанов бил пренесен во болница пред неколку дена со симптоми на болеста. Нема официјална потврда за смртта на Атајанов бидејќи владата продолжува да инсистира дека строго контролираната поранешна советска република нема регистрирано случаи на коронавирус во нејзините граници, и покрај големите индикации дека вирусот ја опустошува земјата. Владата на Туркменистан тврди дека успешно спречила сите во земјата да се заразат со коронавирусот што беснее низ целиот свет.

Минатиот месец, работниците во погребните фирми во главниот град Ашхабад, за туркменистанскиот сервис на РСЕ изјавија дека цената на ковчезите драстично се зголемила, поради брзото зголемување на дневниот број на жртви од ковид-19.

Многумина од оние кои немаат доволно пари мораат да ги закопаат своите сакани во пластични црни вреќи, велат тие.

И покрај негирањето на ширењето на ковид-19 во оваа земја сепак се забранети сите собири, вклучувајќи јавни настани, свадби и роденденски забави се забранети низ целата земја, без да биде соопштена официјалната причина за забраната.

На мапата на Светска здравствена организација за Туркменистан и Северна Кореја е наведено дека имаат 0 случаи на заразени со ковид-19 и 0 смртни случаи од коронавирусот.