Трета доза вакцина против ковид-19 може да прими кој сака

Вакцинација во Скопје

Трета доза вакцина против ковид-19 освен граѓани над 60 години ќе може да добијат и кои било други граѓани без оглед на возраста, без оглед на тоа дали имаат или немаат хронични болести, а се во значаен ризик заради фреквентните контакти, типот на работа, работното место, да заболат од ковид-19.

Ова е препораката од Комитетот за имунизација која денеска на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека тоа се препораки што практично ги следат препораките од некои други европски земји и САД.

Претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова рече дека оваа препорака е поради заштита од многу инвазивниот делта сој и бидејќи ефективноста на дел од вакцините се намалува шест месеци по примањето.

Филипче рече дека состојбата со ковид-19 во државава е стабилна, а бројот на хоспитализирани се намалува и во моментов има околу 580 хоспитализирани пациенти.

Тој рече дека досега се вакцинирани 789 илјади граѓани, од кои 734 целосно.

„Најмногу вакцинирани со две дози полнолетни граѓани во Вевчани 72 проценти, над 60 проценти во Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци и Охрид, над 55 проценти во Росоман, Ресен, Дојран, Дебарца, Богданци, Битола и Берово, и под 30 проценти таму каде е низок опфатот – Липково, Македонска Каменица и Ново Село“, рече Филипче.

Тој најави дека во рамки на скринингот околу 8200 ученици во основните и средните учениците ќе бидат тестирани за присуство на коронавирусот во согласност со родителите. Скринингот ќе трае пет дена.