В.Д. амбасадорката во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска денеска била повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ била врачена нота на Министерството, со која вработен во македонската амбасадата во Москва се прогласува за „персона нон грата“.
„Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ’персона нон грата‘ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, соопшти руското МНР.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на 17 август соопшти дека Македонија протерала уште еден руски дипломат, но не откри детали, бидејќи, како што нагласи, „информациите од тој тип се обично од доверлив карактер“, но дека однесувањето на дипломатот било спротивно на принципите на Виенската конвецнција.
Претходно, во мај годинава беше протеран руски дипломат од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, со образложение дека биле утврдени „постапки несоодветни со дипломатскиот статус“. Според тогашната изјава на министерот Османи, тие постапки биле „документирани, истражени и потврдени од Министерството за надворешни работи“.
На тоа протерување Русија во јуни одговори реципрочно и од Москва протера македонски дипломат. Тогаш од македонското МНР објавија дека вршителот на работите во македонската амбасада во Москва, Оливера Чаушевска - Димовска, била повикана во руското МНР каде ѝ била врачена Нота за прогласување 'персона нон грата' на наш дипломат - аташе од Амбасадата на Македонија во Москва.