Заев: По изборите во Бугарија има добра шанса за договор

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека по локалните избори во земјава и изборите во Бугарија има добра шанса да се најде решение за блокадата на еворинтегративниот процес. Според него, решенијата треба да се изнајдат низ разговор и дијалог.

„Кога завршуваат изборите, сите политичари и кај нас и во Бугарија и насекаде се поразумни и поодговорни отколку пред изборите. Со завршени избори кај нас и завршени избори во Бугарија, тоа е првата причина да имаме добра шанса. Втората причина е што во разговорите се движиме на добар пат. Меѓусебната разбирачка сè повеќе е присутна во разговорите. Тие да не разберат нам, ние да ги разбереме нив и верувам дека низ едни такви разговори, низ дијалог, низ убава дипломатија, низ пријателство и подадена рака ќе го потврдуваме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија кое е означено со Договорот од 2017 година, но во пракса исто така тоа мораме да го гледаме секојдневно кај нас“, потенцира Заев одговарајќи на новинарско прашање по акцијата за пошумување на опожарените површини во атарот на тетовското село Теново.

Изјавата на бугарскиот премиер Стефан Јанев дека владата во Софија има намера да го продолжи курсот што досега го водеше во однос на Македонија, односно да го заштити бугарскиот национален интерес на најдобар можен начин Заев рече дека е добра позитивна порака.

Во Бугарија, по трет пат годинава ќе има парламентарни избори кои се закажни на 14 ноември, истовремено со претседателските избори. Локалните избори во земјава ќе се одржат на 17 октомври. Заев за престојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи следната недела во Словенија порача дека се работи за политички самит.

„Словенија ни е голем пријател, отсекогаш ни била. Премиерот Јанша се залага многу да го врати позитивниот сигнал за проширувањето кон Западен Балкан. Верувам дека со соодветни формулации на реченици, со конкретни гестови, со сериозни одлуки ќе се испрати таа порака на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и ќе биде недвосмислена, ќе биде чиста и јасна. Затоа што ова е обострано потребен процес. Да, нам ни треба затоа што сите земји од Западен Балкан нашата иднина ја гледаме во ЕУ, но и ЕУ знае дека и треба Западен Балкан. Ние сме дел од Европа, ние не сме само дел од европскиот континент, туку сме дел од Европа како политички систем, како организација и сл. и нашето место е токму таму“, изјави Заев.

Заев рече дека в среда во Словенија ќе има состанок со бугарскиот претседател Румен Радев, со високите претставници на ЕУ, со словенечкиот премиер Јанез Јанша. Посочи дека на Самитот ќе бидат присутни еврокмесарот за проширување Оливер Вархеји, германската канцеларката Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и многу други европски лидери.

И претседателот Стево Пендаровски во интервју за денешното издание на грчкиот весник „То Вима“ изрази надеж дека по бугарските избори ќе продолжат разговорите.