Косовската полиција информира денеска дека патиштата кои водат кон премините Јариње и Брњак на границата со Србија се отворени за сообраќај и состојбата се нормализира по речиси двонеделната блокада од страна на косовските Срби.
Според соопштението, безбедносната состојба е добра, додека полициските патроли, вклучително и пограничните, продолжуваат да ги извршуваат своите законски задачи и обврски.
Локалното население вчера ги отстрани барикадите на граничните премини Јариње и Брњак во северно Косово, по што се повлекоа специјалните единици на косовската полиција со што е испочитуван делот од договорот меѓу Белград и Приштина кој беше постигнат во Брисел пред неколку дена.
Контролата на овие премини ја презедоа единиците на меѓународната воена мисија во Косово, КФОР, кои ќе останат во регионот во наредните две недели.
Премините беа блокирани од локалните Срби откако косовските власти на 20 септември им наредија на сите возачи што влегуваат од Србија на Косово да користат привремени, печатени регистарски таблички во употреба од 60 дена.
Косовската влада рече дека овој потег е во знак на одмазда за мерките во Србија против возачите од Косово што беа во сила од 2008 година, кога земјата прогласи независност од Белград. Србија не ја призна независноста на Косово и затоа наметнува правила и прописи како што се регистрирање автомобили и камиони.
Европската унија посредуваше во разговорите меѓу српските и косовските владини претставници во Брисел оваа недела за да го прекинат ќорсокакот. Претставниците на ЕУ и САД, исто така, повикаа на дијалог меѓу Приштина и Белград за да продолжат со нормализирање на нивните односи, кои и понатаму се затегнати и покрај значителната прекугранична трговија.