Пендаровски: Ќе продолжиме да дејствуваме конструктивно во разговорите со Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на Стево Пендаровски во интервјуто за денешното издание на грчкиот весник „То Вима“, во пресрет на неговата посета на Грција на 5 и 6 октомври околу бугарското вето и ЕУ перспективата, коментира дека за жал ситуацијата го спречува започнувањето на пристапни преговори, иако земјата веќе ги има исполнето сите предуслови.

„Ќе продолжиме да дејствуваме конструктивно во разговорите со официјална Софија. Решението на приговорите на Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство и соработка на двете земји и да го почитува правото на самоопределување на нашата нација, како и националниот идентитет и македонскиот јазик. Се надеваме дека по бугарските избори ќе ги продолжиме разговорите со новоизбраниот претседател и со политичка Влада со целосна власт што ќе има мнозинство во Парламентот“, истакнува претседателот.

Пендаровски притоа ја истакнува важноста на договорот со Грција.

„Договорот е одличен пример за решавање на билатералните проблеми меѓу две соседни земји. На Северна Македонија ѝ овозможи да стане 30-та членка на НАТО, реализирајќи еден од двата стратешки цели во евро- атлантската интеграција. Позитивно влијаеше врз нашата европска интеграција, со оглед на тоа што денес, Грција е еден од најсилните наши поддржувачи. Договорот од Преспа не беше лесен за двете земји. Но, важноста и неговото позитивно влијание повеќе ќе се покажат во следните години“, истакнува Пендаровски.

Тој посочува и дека Комисијата за учебниците има направено напредок, а препораките треба да се спроведат и од двете страни. За Меморандумите што произлегуваат од Договорот од Преспа, а сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, претседателот вели дека ратификацијата е од клучно значење за промоција на економската соработка.