Во Црна Гора е приведен руски милијардер, роден во Азербејџан, кој е баран од Москва за наводно нарачување убиства со договор. Локалните медиуми во Црна Гора вчера објавија дека Телман Исмаилов бара азил во земјата, еден ден откако беше уапсен во Подгорица по меѓународна потерница издадена од Русија.
Исмаилов е обвинет во Русија за финансирање убиство на двајца бизнисмени во Москва во 2016 година, како и за киднапирање на пејачка во 2004 година. Тајкунот долго време беше цел на претседателот Владимир Путин, кој наводно беше критичен за екстравагантниот начин на живот на Исмаилов.
Исмаилов, некогаш еден од најдобро поврзаните бизнисмени во Русија го изгради масивниот отворен пазар „Черкизовски“ во Москва, кој беше затворен во 2009 година за „санитарни и безбедносни прекршувања“ и за спроведување нелегални активности.
Во тоа време, истражниот комитет на Русија го обвини пазарот дека работи како „држава во држава“, со свои закони и безбедност. Критичарите велат дека затворањето на пазарот Черкизовски можеби било дел од борбата за вредни недвижности во Москва. Исмаилов избега од Русија и неговите имоти беа конфискувани за да се наплатат долгови.
Затворањето на пазарот се случи неколку недели откако Путин го обвини Исмаилов за одржување на раскошна инаугуративна забава во неговиот хотел во Турција, во време кога Русите страдаа по финансиската криза во земјата во 1998 година. Путин исто така, предложи парите направени во Русија да се инвестираат во земјата, а не во проекти во странство. Очевидци на забавата соопштија дека виделе банкноти од 100 долари како се паѓаат од таванот врз гостите, вклучувајќи холивудски ѕвезди и руски елити. „Вијести“ објави дека еден од гостите на Исмаилов на забавата бил тогашниот црногорски премиер, а денес претседател на државата, Мило Дукановиќ.