Грозданова: Комбинирањето на вакцините може да даде поголем имунитет

Националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова

Националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова во неделната онлајн дискусија организирана во Лекарска комора изјави дека вакцините за заштита од ковид-19 и по појавата на Делта сојот обезбедуваат висока заштита од вирусот, ја намалуваат потребата од хоспитализација и компликации од болеста, a нивната комбинирана употреба може да создаде поширок имунолошки одговор.

„Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на Астра Зенека и Фајзер, комбинирање на Астра Зенека со Спутник, како и комбинација на Фајзер со Џонсон и Џонсон“, вели Грозданова.

Според неа, во моментов има 185 вакцини кои се во пред-клиничка фаза, 40 се во различни фази на клиничко испитување, 21 вакцина се достапни во светот од кои само 8 имаат добиено одобрение за пуштање во употреба.

„Вакцините се ефективни во спречување на хоспитализација и тешка форма на болест и по појавата на Делта сојот, но може да бидат помалку ефикасни во спречување на инфекција или развивање на поблаги симптоматски заболувања. Причините за помала ефикасност најверојатно вклучуваат опаѓање на имунитет со текот на времето, појавата на Делта варијанта и различниот одговор за повозрасната популација и имуно-компромитираните пациенти. Несаканите сериозни реакции се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД не сме имале ниту еден случај на животно-загрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против Ковид-19 е на високо ниво“, рече Грозданова.

Таа упати порака за важноста на вакцинацијата на трудници, бидејќи на тој начин прво се заштитува мајката, а потоа преку пасивниот имунитет и новороденчето. Во однос на комбинирањето на вакцината за заштита од ковид-19 и онаа за заштита од сезонски грип, Грозданова даде препорака дека може двете да се примат во ист ден, или на временско растојание од две недели.