Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили соопшти дека поранешниот претседател на Грузија Михаил Саакашвили е уапсен во Грузија, неколку часа откако самиот рече дека пред почетокот на локалните избори се вратил во земјата од егзил.
„Саакашвили е уапсен и однесен во притвор“, рече Гарибашвили на кратката прес конференција без да даде дополнителни детали.
Поранешниот грузиски претседател во видео објавено денеска на Фејсбук рече дека по осумгодишно отсуство од земјата дошол во црноморскиот град Батуми.
Властите подоцна наведоа дека нема податоци дека Саакашвили ја поминал границата. Тој претходно престојуваше во Украина, а неделава рече дека планира да се врати во Грузија за да и помогнел на државата на денот на изборите.
Во јуни 2018 година Саакашвили беше осуден во отсуство на шест години затвор од грузискиот суд кој го прогласи за виновен за злоупотреба на службената положба и за прикривање на доказите за тепање на опозициски пратеник кога тој беше претседател.
Во Грузија од парламентарните избори минатата година за кои опозицијата вели дека биле наместени има тензии меѓу владејачката партија и опозицијата, која Саакашвили ја поддржува.
Инаку, тој беше претседател во два мандати од 2004 до 2013. Во последниве години извршуваше неколку високи владини функции во Украина, а накратко беше гувернер на црноморското пристаниште Одеса.