Европската Унија е на тест дали ќе опстои како партнер на прогресивните сили кои се залагаат за европската визија или со своето делување, односно неделување, ќе остави простор на компетитивните идеи поради кои сите сме губитници, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на средбата со пратеникот во Бундестагот од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Јосип Јуратовиќ. Димитров со германскиот политичар се сретна на маргините на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
„Северна Македонија се залага за тоа сите страни да постигнат заедничка победа и тоа е клучното прашање од овој тест“, истакна Димитров.
На средбата, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, се разговарало за европската перспектива на земјава и регионот како заедничка стратегиска цел, за што е потребно, како што се наведува, да се преземат одлучни чекори за надминување на непринципиелните барања и да се обнови кредибилитетот на политиката на проширување.
Пратеникот Јуратовиќ, кој ќе има нов мандат во Бундестагот, нагласи дека Германија и понатаму останува проактивна, особено во однос на европското досие на Северна Македонија, како светол пример и силно ќе се залага за надминување на пречките и пробив на евроинтегративниот пат.
Деновиве агенцијата Ројтерс повикувајќи се на неименувани извори и документ до кој дошле објави дека ЕУ, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, веќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји- Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Во писмен одговор портпаролката на Европската комисија,Ана Писонеро наведе дека иднината на целиот Западен Балкан е во Европската унија и дека комисијата е цврсто посветена на унапредување на пристапниот процес на шесте балкански земји.
Инаку Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 добива препорака за почеток на преговорите. Како главен проблем се посочуваше спорот за името со Грција. Во 2018, Македонија го смени името во Северна Македонија и Грција ја прекина блокадата на македонските евроинтеграции.
По запирањето на евроинтеграцискиот пат прво по барање на Германија поради тоа што Бундестагот немаше донесено одлука, а подоцна истата 2019 година по барање на Франција, која инсистираше на промена на методологијата, минатата година Бугарија го блокира стартот на преговорите со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Блокадата остана досега.