ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од тој регион кон европската перспектива, што е во заеднички стратешки интерес и останува наш стратешки избор, стои во Предлог-декларацијата која треба да се најде пред учесниците на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, кој треба да се одржи на 6 октомври во Брдо во Словенија.
Дипломати од ЕУ претходно брифираа дека земјите членки не можеле да се усогласат за Декларацијата, која треба да се најде на Самиот ЕУ-Западен Балкан. Неколку земји членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес.
Радио Слободна Европа имаше увид во Предлог текстот, во кој стои дека ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините донесени одлуки врз основа на тоа, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, праведна и ригорозна условеност и принцип на сопствените заслуги.
„Затоа, ние дополнително ќе го интензивираме нашиот заеднички ангажман за напредок во политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, истовремено признавајќи го напредокот постигнат од Западен Балкан. Во овој контекст сакаме да ве увериме дека ЕУ ќе го задржи и продлабочи својот развој, вклучително и капацитетот за интегрирање на нови членки“, стои во Предлог декларацијата во која имаше увид РСЕ.
Претходно агенцијата Ројтерс излезе со текст во кој се наведува дека во ЕУ нема согласност за членството на шесте земји од Западен Балкан, по што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во тој момент беше на турнеја низ Балканот, рече дека „иднината на целиот Западен Балкан е во Европската унија“.
Во Предлог-декларацијата стои и дека ЕУ е убедливо најблискиот партнер во регионот, главен инвеститор и главен донатор. Поддршката од ЕУ ќе продолжи да се поврзува со опиплив напредок во владеењето на правото и социоекономските реформи, како и со почитувањето на европските вредности, правила и стандарди од страна на партнерите. Но, оваа помош без преседан мора да биде препознаена од нашите партнери во нивните јавни излагања, стои во текстот.
ЕУ ја поддржува и регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи.
„Спроведувањето на билатерални договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, останува важно. Понатаму, потребни се одлучни напори за негување на помирувањето и регионалната стабилност, како и да се најдат и да се спроведат конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и за наследените прашања. Решенијата треба да се во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучувајќи го и Договорот за сукцесија, и останатите случаи на исчезнати лица и прашања за воени злосторства“, стои во предлог текстот.