Поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили изјави дека се вратил во својата матична земја и покрај заканите од страна на полицијата дека може да го уапсат.
Тој во видео објавено денеска на Фејсбук вели дека бил во црноморскиот град Батуми. Неколку часа претходно, тој, исто така, на Фејсбук напиша дека бил во земјата по осумгодишно отсуство.
Тврдењето на Саакашвили не може веднаш да се потврди. Од Министерството за внатрешни работи на Грузија не ја коментираат изјавата на поранешниот претседател.
Саакашвили, кој сега живее во Украина, претходно оваа недела изјави дека планира да отпатува во Тбилиси за да помогне во „спасување на земјата“ на 2 октомври, денот кога се одржуваат локалните избори во Грузија.
Премиерот на Грузија Иракли Гарибашвили рече дека полицијата ќе го уапси Саакашвили доколку се врати.
Во јуни 2018 година, Саакашвили беше осуден во отсуство на шест години затвор од грузискиот суд, кој го прогласи за виновен за злоупотреба на службената положба и за прикривање на доказите за тепање на опозициски пратеник кога тој беше претседател.
Во Грузија, пак, има тензии меѓу владејачката партија и опозицијата, која Саакашвили ја поддржува, од парламентарните избори минатата година, за кои опозицијата вели дека биле наместени.
Меѓународните набудувачи тогаш рекоа дека изборите биле конкурентни и дека главно се почитувале основните слободи.
Саакашвили беше претседател на Грузија во два мандати од 2004 до 2013.
Во последниве години, тој имаше неколку високи владини функции во Украина и накратко беше гувернер на црноморското пристаниште Одеса.