Апликациите за попишување во земјата и за само попишување на дијаспората се затворени синоќа во 20 часот, со што заврши на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021. Најголемата статистичка операција по 20 години траеше 26 дена, од 5 септември до вчера. Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците.
Симовски- ДЗС нема побарано продолжување на Пописот
Вкупно се евидентирани 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Официјалните резултати од пописот треба да бидат објавени најдоцна за шест месеци, односно до крајот на март 2022 година. Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на пандемија на ковид-19, согласно новата методологија на Евростат и за првпат со комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.