БиХ не може кон ЕУ без реформи на изборниот закон

БиХ- претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лејен на церемонијата на отворање на мостот кај Свилај, што го пушти во употреба заедно со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и босанскиот премиер Зоран Тегелтија.

Реформата на изборниот закон е неопходна за напредокот на Босна и Херцеговина на патот кон Европската унија, изјавија денеска претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лејен на церемонијата на отворање на мостот кај Свилај, што го пушти во употреба заедно со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и босанскиот премиер Зоран Тегелтија. Тројката денеска заедно ја пресекоа лентата и го отворија мостот што ги поврзува Хрватска и БиХ на граничниот премин Свилај.

„Јасно е дека регионот мора да го изгради најважниот мост од сите – мостот на помирување. Тоа им го должиме на жртвите од минатите конфликти што го распарчија овој прекрасен регион , рече шефицата на ЕК во обраќањето по церемонијата, на последниот ден од нејзината турнеја низ шесте земји од Западен Балкан.

Говорејќи за напредокот на БиХ кон членството во ЕУ, Фон дер Лејен кажа дека за тоа е потребен „итен напредок во изборните и уставните реформи“.

„Да се почитува договореното, а тоа е да се гарантира еднаквост на сите граѓани на БиХ. Тоа е клучното и за земјата да се придвижи кон Европа“, рече таа.

Претседателката на ЕК, претходно ги посети Албанија, Македонија, Србија, Косово и Црна Гора, а со посетата на БиХ ја заврши турнејата по Западен Балкан. Пораката што ја испрати при посетите на шесте земји беше дека иднината на целиот Западен Балкан е во Европската унија.