Политичарите во Албанија го поздравија постигнатиот договор меѓу Србија и Косово во Брисел. Министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка преку објава на Фејсбук, напиша дека Албанија го поздравува постигнатиот договор во Брисел меѓу Косово и Србија и смета дека продолжувањето на дијалогот е во интерес на соработката.
Договорот го поздрави и лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, оценувајќи дека ова е важен чекор за намалување на тензиите и еднаков третман на граѓаните од двете страни на границата.
Договорено е косовските власти да не ги симнуваат српските регистарски таблички, туку врз нив да ставаат налепници, а косовските специјалци да се тргнат од граничните премини Брњак и Јариње, а таму да остане КФОР. Треба да се формира работна група која ќе најде конечно решение за регистарските таблички.
Претходно договорот го поздравија челниците на ЕУ и американскиот пратеник за Балканот, Габриел Ескобар.