Ескобар - Драго ми е што се намалија тензиите во северно Косово

Американскиот заменик помошниот државен секретар задолжен за Западниот Балкан, Габриел Ескобар

Американскиот заменик помошниот државен секретар задолжен за Западниот Балкан, Габриел Ескобар оцени дека косовската Влада има право да применува реципроцитет, но дека таа одлука ги изненадила американските власти.

„Косовската Влада има право да применува реципроцитет. За тоа однапред бевме договорени. Меѓутоа, кога се работи за спроведување на тој реципроцитет, сметам дека таа одлука изненади многумина од нас“, изјави Ескобар на прес-конференција во Брисел.

Тој вели дека тоа сепак се случило, но дека му е драго што успеале да ги намалат тензиите.

„Гледано долгорочно, бараме трајно и европско решение за проблемот со регистарските таблички“, рече американскиот висок претставник.

Претходно денеска, Белград и Приштина постигнаа договор за решавање на кризата во северно Косово.

Ескобар им порача на властите во Србија и во Косово дека администрацијата во Вашингтон во потполност ги поддржува и ќе продолжи со поддршката на напорите на европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак да се постигне нормализирање на односите меѓу двете земји.

Американскиот претставник за регионот вели дека постигнувањето на договор за смирување на тензиите на северот на Косово, докажува дека дијалогот што го води ЕУ, е единственото место на кое може да се најде решение.

Ескобар не исклучува можност САД да именуваат претставник во дијалогот, но додава дека за тоа дополнително ќе се одлучува.

Според најавениот договор, специјалните сили на косовската полиција распоредени на граничните премини Јариње и Брњак ќе се повлечат истовремено со укинување на блокадите.

Во текстот на договорот се наведува дека примената на „режимот со налепници“ ќе започне во понеделник на 4 октомври, исто така во осум часот. Ова ќе биде привремена мерка додека не се најде трајно решение.