Заев: Визната либерализација често се злоупотребува

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен му предаде грант од 2,6 милиони евра за програмата ЕУ за млади на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, за време на нивната прес -конференција во Скопје. 28 септември 2021 година.

Премиерот Зоран Заев во врска со злоупотребите на визната либерализација во ЕУ рече дека земјава го нема тој проблем, но дека не значи оти не треба да бидеме загрижени за нешто што го има во Западен Балкан.

„Визната либерализација има свои критериуми, свои стандарди, коишто мора да бидат почитувани и мора да бидат одржани. За жал многу често се злоупотребува, ама од поединци“, рече Заев.

Коментарите доаѓаат откако медиумите вчера објавија документ на ЕУ во кој се вели дека некои земји како Германија и Франција ја разгледуваат можноста за укинување на безвизниот режим поради наводни злоупотреби на некои земји од Западен Балкан, како и Молдавија, Грузија и Украина.

Во документот од 27 септември се наведува дека меѓу злоупотребите се незаконски престој и неосновани барања за азил.

Визниот режим на ЕУ за Црна Гора, Србија и Северна Македонија беше укинат во декември 2009 година, потоа за Албанија и Босна во 2010 година, за Молдавија во 2014 година и Грузија и Украина во 2017 година.

Патување без визи до 90 дена во ЕУ се смета за важен чекор напред во односите на 27-те земји членки со Западен Балкан и поранешните советски држави според политиката на Источното партнерство.

Според документот, Германија, Франција и Италија се фрустрирани од наводните злоупотреби на патување без визи и поради „неовластени прекршоци за престој“ извршени од државјани на Албанија, Молдавија и Украина и Србија.